Стивен Спилберг ја продава својата јахта за 160 милиони долари

Познатиот холивудски режисер Стивен Спилберг реши да ја стави на продажба својата јахта што ја набави пред 11 години. Според информациите откриени од интернет-страната „Дрт“ (Dirt), 74-годишниот филмаџија го продава својот брод за 160 милиони долари.



Пловилото е наречено „Seven Seas“ (по „седумте мориња“ ширум светот, но и во чест на седумте деца што Спилберг ги има со сопругата Кејт Капшоу). Јахтата е на четири нивоа и има седум кабини. Сите простории се опремени со кревети и гардероби, канцелариски простор и приватни бањи. Поголемата ВИП-кабина, која може да се подели на два одделни дела, нуди приватен салон, три соблекувални и две бањи.

Внатре има и спортска сала, сала за кинопроекции, бар и гостинска просторија со пијано. На палубата, приватна тераса за масажа и топла када им овозможуваат на гостите да се опуштаат уживајќи во високиот поглед кон морето. Моторни чамци, исто така, може да се најдат на јахтата, заради безбедност.

Во однос на филмските новости, Стивен Спилберг наскоро ќе започне со промоција на „Приказна од западната страна“ (West Side Story), што е, всушност, преработка на истоимениот оскаровски филм од 1961 година. Новиот филм излегува на 10 декември оваа 2021 година.

Извор:  МИА
Објавена на 19.05.2021 14:42:07