Омнибус

ВИДЕО: Еден од највисоките облакодери во Кина почна да се ниша

Еден од највисоките кинески облакодери e евакуиран откако почна да се ниша, па луѓето во паника избегаа на сигурно. Облакодерот е лоциран во градот Шенжен, на југот од земјата.

Зградата „СЕГ плаза“ висока речиси 300 метри денеска необјасниво почна да се ниша, по што следеше итната евакуација. Кулата е именувана според производителот на полупроводници и електроника Шенжен електроникс груп, чии канцеларии се наоѓаат во таа зграда. Според Советот за високи згради, таа е 18-та највисока кула во Шенжен. Завршена во 2000 година, во срцето на еден од најбрзорастечките градови во Кина, кулата е дом на еден од најголемите пазари за електроника и има бројни различни канцеларии.

Агенцијата за управување со вонредни состојби истражува што го предизвикало нишањето на облакодерите во округот Футијана.

-По проверка и анализа на податоците на различните станици за следење на потреси на земјиштето во градот, заклучено е дека денеска немало земјотреси во Шенжен. Причината за движењето ја проверуваат и други оддели, се вели во првичното соопштение.

Уривањето на зградите не е невообичаено во Кина каде градежните стандарди се слаби, а поради брзата урбанизација, изградбата понекогаш се одвива набрзина. Засега не е познато што ќе стори Владата во врска со зграда од оваа големина, во град со 12 милиони жители.

Кинеските власти лани забранија изградба на облакодери повисоки од 500 метри.

Извор:  МИА
Објавена на 18.05.2021 14:15:46