Договорот на Мурињо со Рома вреди 30 милиони евра

Португалскиот стратег Жозе Мурињо ќе заработи 30 милиони евра од тригодишниот договор што вчера го потпиша како нов тренер на италијанскиот прволигаш Рома од стартот на новата сезона во Серија А.



Телевизијата „Скај Италија“ објавувајќи ги финансиските детали од договорот, јави дека свој придонес во првата година од ангажманот на Мурињо ќе има и премиерлигашот Тотенхем, откаде Португалецот беше отпушетен минатиот месец.

Според телевизијата, Мурињо првата сезона на клупата на Рома ќе заработи 16 милиони евра, од кои девет ќе „покрие“ Тотенхем. За преостанатите две години од договорот, Рома ќе издвојува по седум милиони евра.

Мурињо официјално ќе седне на клупата на Рома во јули и ќе се врати во Серија А по пауза од 11 години, како поранешен тренер на Интер од 2008 до 2010 година.

Извор:  МИА
Објавена на 05.05.2021 12:07:40