Мицкоски: Оставката на Рашковски требаше да се случи многу порано

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави дека оставката на владиниот функционер Драги Рашковски, иако е прв морален чин, таа требала да се случи многу порано.



-Оставка треба да си поднесе целата Влада, не само Рашковски. Тој одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра или професор на факултет да поседува и да гради хациенда со по илјадници метри квадратни, да летува и да дезертира во ек на пандемија и да ни кажува дека таму биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70000 евра, според информации во медиумите. Ако сето ова се потврди дека е точно, ова е уште еден срам и блам на оваа Влада, рече Мицкоски.

Рече дека иако оставката на Рашковски требала да се случи многу порано, ова треба да продолжи во континуитет и со Владата, изразувајќи жалење што, според него, вакви луѓе како се негови колеги од Универзитетот.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ може да излезе со докази и информации дека директно посочените од страна на партијата, Заев и Спасовски, биле запознаени со аферата за пасошите, Мицкоски рече дека никој не би поверувал дека обичен службеник или тој што зема отпечаток од прст е носител на ваква афера.

-Седат Пекер беше во Македонија повеќе од три месеци. Не е можно да не знаеле официјалните лица во Владата кога тој шеташе со коалициските партнери на Зоран Заев, со пратеници итн. Прашајте ги во Владата дали ги поништија овие патни исправи, дали уште се важечки тие пасоши, вели Мицкоски.

На прашањето дали стравува дека може да биде отворена постапка по обвинувањата на Владата дека ја саботирал акцијата за пасошите, вели „нека прават тоа што мислат дека прават јас ќе продолжам да се борам против криминалците во Владата што ги предводи Зоран Заев и Оливер Спасовски“.

-Јас ќе продлжам да ги откривам нивните афери, а тие нека прават тоа што мислат да го прават, рече тој.

Во однос на тоа дека добивал закани по животот, по откривањето на аферата за пасошите, и дали знае од кого, вели дека доколку знае кои се лицата „,многу полесно би било да се справам со тие кукавици кои се закануваат бидејќи тие се анонимни“.

На прашањето дали пријавил, Мицкоски рече дека нема намера да пријавува.

-Каде да пријавам, таму каде што тие ме оставија без обезбедување под изговор дека мојот живот не е под опасност. И да ми доделат, нема да го прифатам тоа обезбедување. Кај овие луѓе немам намера ништо да барам ниту да пријавувам, истакна тој.

Во однос на за владиниот предлог за лекувањето на ковид пациенти во приватните болници, Мицкоски рече дека тоа требало да се случи многу порано, уште во почетокот на пандемијата, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи и да се рефундираат трошоците и на пациентите кои досега ги направиле лекувајќи се во приватните болници.

Извор:  МИА
Објавена на 14.04.2021 15:15:08