Омнибус

Денот на шегата низ историјата

Во светот денес се слави Денот на шегите – 1 април, кога луѓето објавуваат лажни вести со цел да ги насмеат другите или самите да бидат во смешна ситуација. Но, оваа година, како и минатата, во време на пандемијата на коронавирусот, многумина и не сакаат да се шегуваат со тие работи.


Засега не е познато колку луѓе и компании ќе бидат активно вклучени во Денот на шегата, бидејќи многу компании лани одлучија да не учествуваат во првоаприлска шега во измислувањето смешни вести и симпатичните трикови. Но, има и многумина кои сепак ќе се шегуваат. Одамна е познато дека во некои земји, како што се Велика Британија, Австралија и Јужна Африка, измамите се прават само до пладне, а оној што ги прави попладне се нарекува „априлска будала“. Во други земји пак, луѓето се шегуваат преку целиот ден.

По повод денешниот меѓународен Ден на хуморот и шегата, весниците „Дејли експрес“ и „Интернејшнал бизнис тајмс“ потсеќаат на неколку занимливости:

-Од 2004 година, 1 април е исто така „Ден на хуморот и фосилите“, кога екологистите одржуваат демонстрации против употребата на фосилни горива.

-Во Стариот Рим, фестивалот „Венералија“ се одржувал на 1 април, во чест на божицата Венера.

-Првата позната поврзаност меѓу 1 април и шегата е во „Кантербериските приказни“ од Џефри Чосер од Англија, напишани кон крајот на 14. век.

-Од 16. век, децата во Франција ја прославувале „априлската риба“ лепејќи слики од риба на грбот на други луѓе. На 1 април 1698 година, многумина биле поканети, а всушност измамени да ја посетат Лондонската кула за годишната свеченост на „Капењето на лавовите“.

-На 1 април биле основани многу компании, меѓу коишто и производителот на гуми за џвакање – „Риглис“ во 1891., како и „Епл“ 1976 година.

-На 1 април 1945, моќно цунами однесе неколку животи, но луѓето од Пацифичките Острови, предупредувањето за опасноста го зедоа како првоаприлска шега.

Меѓу познатите шеги низ поновата историја, е онаа во Би-би-си од 1957 година. Британската телевизиска мрежа објави дека Швајцарците берат шпагети од дрво. Друга попозната шега беше и „изумот“ на хамбургери за левучари. Компанијата „Бургер кинг“ од САД во 1998 година објави оглас за хамбургери за левучари, коишто се направени така што кечапот протекува од десната страна.

Извор:  МИА
Објавена на 01.04.2021 09:19:57