ЕК апелира границите да не се држат „затворени“

Европската комисија го повтори повикот до сите земји-членки да се придржуваат кон заеднички договорените мерки за ограничувањата што важат на границите во рамките на Европската унија.



Комисијата минатата недела испрати писма до Германија, Белгија, Унгарија, Данска, Финска и Шведска, во кои изрази загриженост за едностраните мерки на границата во врска со влезот и излезот од овие земји, што се воведени заради спречување на ширењето на коронавирусот.

-Во понеделник истекува рокот за одговори на шесте повикани земји. Германија и Белгија веќе одговорија, за што внимателно размислуваме, но нашиот став останува непроменет, изјави портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд.

Во Брисел нагласуваат дека сите земји-членки на ЕУ се согласија на координиран пристап во привременото ограничување на слободата на движење во Европа.

-Препораките се јасни и очекуваме сите земји да ги почитуваат, изјави Виганд.

На крајот на февруари, Белгија забрани секаков несуштински влез и излез од земјата, додека Германија воспостави гранични контроли со Австрија и Чешка.

Извор:  МИА
Објавена на 04.03.2021 16:00:49