Британски таблоид треба да ѝ плати на Меган Маркл 450.000 фунти за судски трошоци

Уредникот на „Mail On Sunday“ треба да ѝ плати 450.000 фунти (520.000 евра) на Меган Маркл – сопругата на принцот Хари, како судски трошоци, откако таа неодамна победи во судски спор.



Британскиот таблоид, според одлуката на судот, ја нарушил приватноста на Меган Маркл објавувајќи го нејзиното писмо до татко ѝ.

На рочиштето одржано со видеоврска вчера, судијата Марк Ворби ѝ наложи на групацијата „Associated Newspapers “ да плати 450.000 фунти за судските трошоци. Инаку, адвокатот на војвотката од Сасекс, Јан Мил побара 750.000 фунти. Адвокатите на весникот рекоа дека имаат намера да ја обжалат пресудата, а адвокатите на поранешната актерка минатиот месец побараа да се објави јавно извинување на насловната страница на весникот, по изрекувањето на пресудата.

Актерката ги тужеше „Associated Newspapers “кои ги објавуваат „Mail Online“, „Daily Mail“ и засегнатиот „Мail On Sunday“, за нарушување на нејзината приватност со објавување на делови од ракописно писмо што го испратила во август 2018 година, неколку месеци по венчавката со Хари, до нејзиниот татко Томас Маркл (76), со кого таа беше во лоши односи. Таблоидот го објави писмото во 2019 година.

Во писмото, таа го замолила својот татко да престане да ги лаже медиумите дека војводата и војвотката од Сасекс наводно ги прекинале врските.

Американското интервју со принцот Хари и неговата сопруга кај Опра Винфри ќе се емитува вo недела на 7 март. Ова е прво ТВ-интервју што војводата и војвотката од Сасекс го даваат за медиум откако се преселија во Калифорнија минатата година. Неколку часа претходно и британската кралица Елизабета Втора ќе има свое ТВ-обраќање.

Бакингемската палата во февруари објави дека Хари и Меган не можат веќе да се враќаат на должностите што ги имаа како членови на британското кралско семејство.

Извор:  МИА
Објавена на 03.03.2021 15:51:06