„Дајте музика“ со стари и нови македонски хитови за сите генерации

Триесетте продолженија на популарниот детски серијал „Дајте музика“, како и минатата сезона, изобилуваа со забава, дружење, детски интриги, радости, разочарувања и разни негодувања. И во новата сезона детската серија продожува со својата мисија да ја доближи македонска музика до младата публика.



Како што најавуваат авторите, повторно ќе бидат лансирани многу авторски хитови на кои се потпишуваат некои од нашите најпознати композитори како Роберт Билбилов, Борче Кузмановски, Никола Мицевски, Никола Перевски- Пере, Лазар Цветковски и други, а како изведувачи се јавуваат талентирани деца пејачи, децата актери во серијалот.

Според продукцијата на серијалот, радува фактот што некои од постарите македонски хитови имаат огромна гледаност кај најмладата публика. На овогодинешната топ листа на Јутујуб каналот на „Дајте музика“ во изминативе три месеци убедливо води преработката на „Сите мои слики“ од групата „Ареа“ со близу 370.000 прегледи, легендарната „Скопје“ на Влатко Стефановски со скоро 270.000 прегледи и неодамнешното Божиќно „Бекутан“ видео со преработка на песната „Ѕвона“ од Каролина Гочева со над 300.000 прегледи на сите канали.

– Идолите на новата генерација, се посочува, успеаа да ја доближат македонската музика до најмладата публика која очигледно ужива во најдобрите македонски музички хитови. Тоа го докажува и фактот што некои од музичките видеа поставени на Јутјуб каналот на „Дајте музика“ имаат гледаност од над 800,000 а самиот канал надмина 24,5 милиони прегледи.

Оваа година, продукцијата „Рифенштал“ под покровителство на „Македонската радио телевизија“ издаде два музички диска со најдобрите хитови од двете сезони на серијалот, а се најавува нов проект кој дечињата ќе го подготват по повод 85-годишниот јубилеј на една наша компанијата во кој преку еден голем македонски хит ќе се изрази благодарност до најзасегнатите општествени категории со пандемијата.

Извор:  МИА
Објавена на 02.03.2021 13:57:34