Американската актерка Кристина Ричи побара судска забрана за приближување од поранешниот сопруг, филмскиот камерман Џејмс Хердеген, поради физичка и психичка злоупотреба. Наводите ги потврди адвокатот на Хердеген.
Според актерката и нејзините неодамнешни сведочења, психичкото тормозење почнало еден месец по нивната венчавка 2013 година.
– Ми велеше дека единствениот начин да му биде жал за мене, е ако ме распарчат на мали парчиња. Тоа ме натера да ги скријам сите ножеви во куќата во којашто сме сместени. Се плашев за мојот живот и животот на нашиот син. Спиев во посебна спална соба со Фреди и ја заклучував вратата, раскажува Ричи.
Физичкото насилство почнало и завршило во декември минатата година, по што таа побара развод. Актерката потоа објави и слики од модринки и исеченици, кои наводно се од тој настан.