Истражување: Медитеранската диета повторно прогласена за најдобра диета

Според американската медиумска групација „News and World Report“, златниот медал за најдобра диета веќе четврта година по ред ѝ е доделен на медитеранската диета.



Секој вид диета e оценет врз основа на различни параметри, па така, местото во табелата зависи од тоа колку е лесно да се следи, колку е веројатно дека диетата ќе доведе до долгорочно губење тежина и конечно, што е и најважно, колку диетата e здрава и безбедна за употреба, особено кај луѓе со хронични заболувања. Покрај титулата најдобра диета, медитеранската а е на прво место и во категоријата растителни состојки, диети за лица со срцеви проблеми, како и во категоријата за наједноставна диета.

Ваквите високи признанија не изненадуваат, бидејќи бројни истражувања откриле дека медитеранската храна може да го намали ризикот од дијабетес, висок холестерол, деменција, депресија и рак на дојка.

Долги години, многу нутриционисти и лекари истакнуваа дека оваа диета е најздрава, а причина за тоа е секако што таа е главно растителна. Кога станува збор за маснотиите, препорачливо е да се користи маслиново масло, додека другите масла и путери речиси и да немаат никаква вредност во диетата.

Кога станува збор за месото, во медитеранската храна тоа е помалку застапено отколку во традиционалната кујна, а фокусот е ставен на рибите.

Покрај оваа диета на самиот врв на списокот се и т.н. ДАШ и флекситарната диета. Заедничка одлика на овие диети е тоа што тие се фокусираат на оброци полни овошје и зеленчук, ореви, житарки и семиња. Од друга страна, пак, „Дукан“ и кетогената диета се прогласени за најлоши диети за оваа година.

Извор:  МИА
Објавена на 08.01.2021 14:06:22