Наградуваната серија „Еуфорија“ се враќа со две специјални епизоди

Наградуваната HBO серија „Еуфорија“ (Euphoria) се враќа со две специјални епизоди. Првата е достапна на HBO GO од денес, а на HBO каналот ќе има премиера на 7. декември во 20 часот.



Дејството за време на првата епизода се одвива за време на прослава на Божиќ и ја следи Ру (Зендаја) која сè уште се опоравува откако Џулс (Хантер Шејфер) ја остави на железничка станица. Режисер и сценарист е Сем Левинсон, а интересно е дека во оваа епизода се појавува и Колман Доминго од првата сезона на серијата. Двете специјални епизоди се снимени согласно пропистите за Ковид-19, а датумот на премиера на втората епизода ќе биде објавен наскоро.



„Еуфорија“ освои три „Еми“ награди годинава, вклучувајќи ја и онаа за најдобра главна женска улога во драмска серија која ја освои Зендаја. Серијата ни прикажува група средношколци и нивните љубови и пријателства во светот полн со дрога, секс, трауми и социјални медиуми.



Автор на серијата и сценарист на сите епизоди е Сем Левинсон. Извршни продуценти, покрај Левинсон, се Рави Нандан, Кевин Турен, Дрејк, Фјучер да Принс, Хадас Мозес Лихтенштајн, Рон Лешем, Дафна Левин, Тмира Јардени, Мирит Туви, Јорам Мокади и Гери Ленон. Серијата е снимена во партнерство со А24, а се базира на истоимената израелска серија која ја креирале Рон Лешем и Дафна Левин.

Извор:  МИА
Објавена на 04.12.2020 15:26:57