ЕХО фестивалот стана член на Меѓународната алијанса на планински филм

Македонскиот ЕХО фестивал на планински филм стана член на Меѓународната алијанса за планински филм (IAMF – International Alliance for Mountain Film) со одлука донесена на состанокот на Генералното собрание на оваа организација, во рамки на 68. издание на Фестивалот за планински филм во Тренто, Италија.



-Со тоа, нашиот фестивал стана рамноправен член во Алијансата, рамо до рамо со 26 институции од светот – најголеми имиња од светот на планинските фетсивали, посветени на промоцијата, збогатувањето и конзервацијата на планинската кинематографија, соопшти денеска тимот на ЕХО фестивалот.

Алијансата досега ја сочинуваа 25 фестивали на планински филм и еден планински музеј – кои претставуваа 19 земји од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка и Океанија.

-На прифаќањето на нашиот фестивал за член во Меѓународната алијанса за планински филм, гледаме на чин на сериозно вреднување на нашата работа за нашата публика низ годините, со проекции на скоро 400 филмови, организација на повеќе од 50 презентации, издавање книги и организација на разни други едукативни содржини на тема планини и обработка на широк спектар теми кои го претставуваат соживотот на човекот со нив. Но секако и на чин – кој дополнително не’ обврзува на уште посилна работа!. Во овие чудни „Kовид“ времиња, ваквата вест и тоа како и ни беше потребна во овие моменти. Да ни послужи како ветер во грб, да не’ инспирира и да ни даде елан, да се посветиме во реализација на уште едно издание во малку поинаква форма сепак, истакнуваат од фестивалскиот тим во соопштението.

Најновото издание на Ехо – фестивалот на планински филм е најавено дека ќе се одржи од 5-ти до 9-ти октомври, а локацијата и програмата ќе биде објавена во наредните неколку денови.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 23.09.2020 11:46:01