Македонскиот хип хоп документарец: „Њујорк: Аџилак“ премиерно на Синедејс

Оваа сабота (19 септември) со почеток од 22 часот, на отворениот кино-парк Ибни Пајко во Скопје (позади Македонската Филхармонија) документарниот хип хоп филм „Њујорк: Аџилак“ ќе ја доживее својата македонска премиера, како дел од филмскиот фестивал Синедејс. Режисер на 39-минутниот филм е Славчо Ковилоски, член на хип хоп групите Клан Исток и Браќа по крв, и истакнат хип хоп активист.



Филмот е своевидно патешествие низ улиците на Њујорк, родното место на хип хоп културата. Сите тие културни влијанија, расни проблеми, и борби за права се прикажани во културна смисла. Главна цел е да се направи паралела помеѓу развојот на хип хопот во САД и во Европа, поточно во Македонија, каде хип хопот се појави на почетокот од 90-тите.

Овој документарец исполнет со музика од златното време на хип хопот и слики од гетата и местата каде се развиваше оваа култура даваат личен приказ за градот која ја доживеал авторот на филмот, кој пораснал со хип хоп културата.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 17.09.2020 08:22:38