Омнибус

Прамен од косата на Абрахам Линколн продаден за над 81.000 долари

Парче од косата на Абрахам Линколн, заедно со крвавата телеграма за атентатот врз него во 1865 година, беа продадени на аукција за повеќе од 81.000 американски долари.



Аукцијата се одржа вчера, во аукциската куќа „Р.Р.“ со седиште во Бостон. Името на купувачот засега не се соопштува.

На некогашниот американски претседател му биле отсечени пет сантиметри коса за време на обдукцијата по убиството. Косата била ставена во официјалната телеграма на Воениот оддел и испратена до д-р Лајман Тод. Аукциската куќа ја гарантираше автентичноста на косата и на телеграмата.

Крајната цена од 81.250 долари е малку повисока од предвидените првични 75.000 долари.

Телеграмата е значајна и затоа што ја поби теоријата дека тогашниот министер за војна, Едвин Стантон планирал да го убие Линколн поради нивната лична нетрпеливост и политичките разлики. Печатот и самото време на испраќањето покажува дека воените телеграфски линии функционирале ноќта кога тој бил убиен.

Извор:  МИА
Објавена на 14.09.2020 16:43:33