Со гоџи бобинки до долг и здрав живот

Гоџи бобинките се користат во традиционалната кинеска медицина повеќе од 2000 години. Овие бобинки се консумираат свежи, сушени, а воедно и како сок или чај.

Содржат различни антиоксиданти - каротеноиди, ликопен, лутеин, полисахариди и феноли, а изобилуваат и со есенцијални аминокиселини, витамин Ц и минерали, поради што се мошне корисни за човечкото тело и денес важат за суперхрана.

Богати се со растителни влакна кои даваат чувство на ситост и ја подобруваат дигестијата, па затоа се идеални доколку сакате да практикувате здрав режим на исхрана.

Помагаат во борбата со ракот



Високо ниво на антиоксиданти, витаминот Ц, зеаксантинот и каротеноидите, помагаат во борбата со ракот. Антиоксидансите го забавуваат растот на туморот, го намалуваат воспалението и помагаат во отстранувањето на штетните материи од организмот. Истражувањата покажуваат дека гоџи бобинките можат да го инхибираат растот на туморот и да ја зајакнат ефикасноста на третманите за лечење.

Го стабилизираат шеќерот во крвта

Истражувањe од 2015-та година покажува дека гоџи бобинките може да го стабилизираат и нивото на инсулин и глукоза во крвта. Истата студија сугерира дека овие бобинки го зголемуваат нивото на добар холестерол кај луѓето кои имаат дијабетес тип 2.

Го забавуваат процесот на стареење на клетките

Антиоксидансите кои ги содржат гоџи бобинките помагаат и во борбата со стареењето така што ги спречуваат слободните радикали да го оштетат колагенот во кожата. Неколку студии досега покажаа дека екстрактот од гоџи-бери може да помогне во одложување на процесот на стареење на клетките. Освен тоа екстрактот од овие бобинки ја зајакнува синтезата на ДНК во одредени клетки, заштитувајќи ги од стареењето предизвикано од оштетување на ДНК.

Го одржуваат црниот дроб во добра состојба

Во едно истражување од 2010 година објавено во списанието „Journal of Ethnopharmaology“, истражувачите откриле дека сокот од гоџи бобинки помага во заштитата на црниот дроб од оксидација. Во оваа студија клетките на црниот дроб биле изложени на токсини, а потоа третирани со екстракт од гоџи, по што покажале помалку слободни радикали -молекули кои предизвикуваат оштетување на клетките.  Освен тоа истражувањата покажуваат дека овие бобинки можат да играат заштитна улога против ракот на црниот дроб.

Како да ги консумирате?



Во повеќето супермаркети најчесто ќе ги најдете гоџи бобинките пакувани во сушена форма. На некои од зелените пазари може да се најдат и свежи. Се консумираат исто како другите типови на бобинки. Може да ги измешате со житарици и јогурт, да ги додадете во вашиот чиа пудинг и салата или пак едноставно да ги јадете посебно.

Доколку сте купиле сушени гоџи тогаш лесно можете да си приготвите чај, така што прво оставите да отстојат во ладна вода околу 2 часа, па потоа извадете ги од неа и попарете ги со жешка вода и уживајте во чајот.

На пазарот може да се најдат и суплементи од гоџи бобинки, но доколку можете да најдете свежи или сушени, определете се за природната опција.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 04.08.2020 11:23:36