Почнува тридневниот изборен молк

Од денеска започнува изборниот молк, кој ќе трае до 21 часот на 15 јули. Во текот на 20 дневната кампања за овие предвремни парламентарни избори, која почна на 24 јуни, партиите и коалициите имаа можност да ја претстават својата понуда пред граѓаните.



На парламентарните избори учествуваат 15 коалиции и политички партии, за кои граѓаните ќе можат да го дадат својот глас.

-За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануват сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања, нагласи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како потсетување за радиодифузерите.

Од АВМУ потсетуваат дека според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Извор:  МИА
Објавена на 13.07.2020 06:41:40