„Collective“- ремек дело за моќта, корупцијата и лагите

Повеќекратно наградуваниот романски документарен филм „Колектив“ (Collective), кој ги следи настаните по пожарот кој избувнал во клубот „Колектив“ во Букурешт и откривањето на голема измама во здравствениот систем, ќе има премиера на 4. јуни во 21:45 часот на HBO каналот,а истиот ден ќе биде достапен и на HBO GO.

Во 2015 година, во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт избувнал пожар во кој загинале 27 лица, а преку 180 биле повредени. Набрзо, во болниците започнале да умираат луѓе чии повреди од пожарот не биле опасни по живот. Еден од лекарите решил да се обрати до истражувачки новинари. Фактите полека излегуваат на виделина додека новинарите откриваат голема измама во здравствениот сектор. На местото на министер за здравство е поставен нов човек кој е подготвен да претстави пред јавноста несекојдневен пристап во реформата на корумпираниот систем, но и да ги обелодени пречките со кои се среќава во таа борба. Следејќи ги новинарите, шепкачите, жртвите на пожарот и претставниците на владата, „Колектив“ го прикажува големото значење на врвното истражувачко новинарство.



Филмот е во режија на Александер Нанау, добитник на „Еми“ награда, а светската премиера ја имаше во 2019 година на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција по што беше прикажан и на фестивалот во Торонто. На Филмскиот фестивал во Цирих ја освои наградата за најдобар меѓународен документарен филм. „Колектив“ е единствениот документарец кој е прикажан на „Санденс“ оваа година во рамки на „Spotlight“ селекцијата која ги слави врвните филмски остварувања кои имале премиери во текот на претходната година.

Списанието „Rolling Stone“ го нарече филмот „ремек дело за моќта, корупцијата и лагите“, додека познатиот филмски портал „IndieWire“ го прогласи за „еден од најдобрите филмови за новинарство кога било снимени“.

Продуцент на филмот е „Alexander Nanau Production“ од Романија, а снимен е во копродукција со HBO Europe и „Samsa Film“ од Луксембург.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 27.05.2020 12:03:59