Омнибус

Сејшелите забранија крстарење до крајот на 2021 година

Сејшелските Острови ги забранија крстосувањата до крајот на наредната 2021 година, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.



Надлежните, во меѓувреме, најавија помош за хотелите, одморалиштата, туристичките агенции и сите оние што се погодени од оваа корона-криза. Сѐ уште не се знае дали и кога островите ќе бидат отворени за поморски и воздушен сообраќај.

Сејшелите во 2013-та година, заедно со неколку други острови и островски држави во Индискиот Океан, како што се Маурициус, Реунион (Франција) и Мадагаскар, ја основаа туристичката организација „Ванила острови“, заради заеднички развој на туризмот.

Сепак, оние што се надеваа дека ќе патуваат на островите оваа и следната година, ќе треба да разгледаат други опции. Европската Унија веќе размислува за отворање на границите меѓу нејзините членки, додека некои земји, како Грција и Италија, веќе објавија планови за обновување на туризмот оваа летна сезона.

Друг можен модел и решение е т.н. „патнички меур”, кој вклучува туризам меѓу соседни земји, со што ќе се зголеми бројот на летови и ќе се искористат капацитетите за сместување. Таквиот модел веќе го усвоија Естонија, Литванија и Летонија, додека пак, Австралија и Нов Зеланд сѐ уште размислуваат да го сторат истото.

Извор:  МИА
Објавена на 19.05.2020 16:30:35