Google објави извештаи за состојбата во март во 131 држава од светот за тоа дали се намалила посетеноста на продавници, паркови и други места, откако многу влади наредија да се остане во домовите за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Анализите на Google за локациите на милијарди корисници на паметни телефони е најголемиот сет на податоци достапен за здравствените власти да имаат преглед дали луѓето го почитуваат карантинот.
Извештаите прикажуваат графикони со посетеност на метроа, автобуски или железнички станици, продавници и други места за период од пет недели.
Податоците со невладините истражувачи од неколку држави ги сподели и Facebook, што како и Google, има неколку милијарди корисници, но ги нема објавено јавно.
Од Google изјавија дека ги објавиле извештаите за да избегнат било каква несигурност за тоа што им предаваат на властите, во време додека во светот има расправа за рамнотежата помеѓу приватноста и потенцијалот на користење технологија за борба против коронавирусот.
Државите, како Кина, Сингапур и Јужна Кореа, од своите граѓани бараат да користат апликации и друга технологија за да може да го контролираат нивното почитување на карантинот, но активистите тврдат дека тоа може да ја загрози нивната идивидуална слобода
Извештаите на Google користат податоци од корисници кои имаат овозможено „историја на локација“ на своите мобилни телефони. Корпорацијата нагласува дека усвоила технолошки мерки што обезбедуваат дека во извештаите не може да се идентификува ниту еден поединец.