Футурама

Matternet развива уникатен систем за испорака со дронови

Компанијата Matternet скоро една декада развива уникатен систем за испорака со дронови, фокусирајќи се на тоа како оваа технологија може да се користи за транспортирање на лекови и медицински примероци помеѓу здравствените установи.



Со изглед како од научно-фантастичните филмови, Matternet станицата функционира како појдовна и дојдовна точка за испораките правени со нивниот M2 квадкоптер. Таа е висока околу 3 метри, а може да биде инсталирана на земја или на кров.

Системот за испорака функционира на следниот начин: по земање на примерок крв од пациентот, здравствениот работник ја внесува релевантната информација за испорака во cloud платформата на Matternet, го носи примерокот до станицата за дронови и го става во малечка комора која се отклучува со картичката за идентификација. Тој примерок автоматски се закачува за дронот (чиј товар може да има максимална тежина од 2 килограми), кој полетува од станицата која за таа потреба се отвара како цвет.

Дронот потоа е воден од самата станица до својата дестинација, а примачот добива нотификација кога тој ќе пристигне до неа. Откако тоа ќе се случи, батеријата на дронот автоматски се менува со нова, за да биде спремен за следниот лет.

Системот на Matternet е ефикасен, брз, и прекрасно изгледа, а компанијата веќе го тестира во неколку здравствени установи во Рејли, Северна Каролина, и Сан Диего, Калифорнија, во партнерство со брзата пошта UPS.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 26.03.2020 12:40:32