На оние кои сакаат да ослабнат на располагање им се многу информации кои се косат, едни со други, во поглед на тоа што треба или не треба да јадат, во кои количини и слично.
Еве неколку апсолутно неточни митови на кои треба да се обрне внимание:
1) Секој може да ослаби на ист начин
Слабеењето е многу повеќе од броење на калории и не постои брзо и постојано решение за слабеење кое би одговарало на сите. Она што функционирало кај вашиот пријател или роднина, не значи дека ќе функционира и кај вас, бидејќи сите ние имаме различни конструкции на телата, начин на живот, емоции и животни искуства, фактори кои влијаат и на процесот на слабеење. Покрај тоа, слепото следење на актуелните „модерни“ диети често пати доведува до јо-јо ефект и повторно враќање на изгубената тежина, па дури и повеќе од тоа. Наместо тоа, фокусирајте се на градење на здрави навики во поглед на исхраната и вежбањето.
2) Јаглехидратите се непријателот
И покрај популарното размислување, јаглехидратите не се единствените предизвикувачи на дебелеењето. Тие се главниот извор на енергија на телото и дефинитивно можат да работат и против нас, но доколку во умерени (т.е препорачани) количини јадеме квалитетни, комплексни јаглехидрати кои шеќерот во крвта го одржуваат стабилен, тие ќе ни помогнат во опоравувањето по вежбањето (и во овозможување енергија за истото).
Кога од исхраната ги исфрламе јаглехидратите, се губи т.н „водена тежина“ која креира илузија дека сме ослабеле, а всушност се работи само за исфрлање на вишокот вода од организмот. Кога, пак, повторно ќе почнеме да ги внесуваме, таа тежина се враќа бидејќи тие се складираат заедно со водата, што креира чувство на подуеност, поради кое многумина сметаат дека јаглехидратите се лоши и дека телото не ни ги толерира.
3) Исфрлањето на цели видови храна од исхраната е добро
Освен ако немате алергии на храна, нетолеранција на лактоза и слично, исфрлањето на одредена храна или група е целосно непотребно. На телото му е потребна разновидна храна која содржи јаглехидрати, масти и протеини, за да функционира оптимално. Нејадењето производи кои содржат, на пример, глутен, и покрај тоа што немате нетолеранција на глутен, може само да му наштети на организмот на подолги патеки (со создавање на инсулинска резистентност и сл.)
4) Вежбањето не се смета за успешно освен ако не е интензивно и не ве препотува
Секој вид на вежбање е корисен, без разлика на неговата интензивност, и дава различни резултати. Пешачењето, јогата, пливањето, кардио вежбите со низок интензитет или таквите спортови се сосема легитимна форма на вежбање и покрај тоа што не се премногу интензивни и не секогаш препотуваат.
5) Не смее да јадете после 8 навечер
Идејата дека јадењето после одреден час предизвикува дебелеење е сосема неточна. Доколку телото дава физички знаци на глад, тоа значи дека му е потребна енергија, и воопшто не му е битно колку е часот. Често пати оние кои не јадат доволно во текот на денот (прескокнуваат појадок или јадат само салата за ручек) силно огладнуваат навечер и се прејадуваат. Поради тоа, добро балансираната исхрана составена од најмалку појадок и ручек овозможува да правите попаметни избори навечер, со што се избегнува прејадувањето или јадењето на премногу калорична и често пати нездрава храна (чипсови, газирани пијалоци и сл.).
6) Нискокалоричните варијанти на храната се најдобри
Ваквите варијанти на одредените производи имаат многу повеќе адитиви во нив, кои ги заменуваат хранливите состојки како шеќерите и мастите. Ова може да доведе до прејадување со нискокалорична храна бидејќи истата не заситува доволно.
7) Тежината е најдобар показател за здравјето
Невозможно е да се поврзе тежината со здравјето бидејќи секое тело е различно, а големината на телото не е секогаш поврзана со здравствените маркери како холестеролот, нивото на шеќерот во крвта и крвниот притисок. Животниот стил (исхраната, физичката активност, стресот, спиењето, социјалниот живот) може да влијае на здравјето подеднакво како и физичкото тело (т.е тежината). Покрај тоа, мускулното ткиво тежи повеќе, па оној кој што е помускулест ќе има значително повеќе килограми од друга личност кај која тие килограми би биле премногу за нејзината конструкција.