Како алкохолот влијае на срцето?

Влијанието на алкохолот врз срцето во голема мера зависи од количината која се пие. Препорачаната „доза“ е не повеќе од една пијачка дневно за жените и 2 за мажите.



Лесното до умерено пиење може да има некои заштитни придобивки за срцето – во студија од 2017-та било откриено дека мажите кои пиеле помалку од 14 алкохолни пијалаци неделно имале 21% помали шанси да умрат од кардиоваскуларни болести, додека кај жените кои пиеле помалку од 7 пијалаци неделно тој процент изнесувал 34%.

Кога пиеме, отчукувањата на срцето се зголемуваат, како и крвниот притисок. Студија од 2019-та покажала дека дури и умереното пиење (7-14 пијалаци неделно) го зголемувало крвниот притисок. Во споредба со оние кои никогаш не пиеле, тие кое тоа го правеле умерено имале 53% поголеми шанси за фаза 1 хипертензија, голем фактор на ризик за срцеви заболувања.

Поголемите негативни ефекти од алкохолот врз срцето доаѓаат со претерано пиење, дефинирано како повеќе од 4 пијалаци дневно, или 5 одеднаш.

Оние кои пијат претерано имаат 3 пати поголема шанса за хипертензија, додека оние кои пијат многу и одеднаш имаат 70% поголема шанса за висок крвен притисок. Исто така, нивната шанса за срцев удар е за 1.5 пати поголема во споредба со оние кои не пијат.

Дополнително, колку повеќе пиете, толку повеќе ќе се зголемуваат отчукувањата на срцето, што може да доведе до атриална фибрилација – нерегуларни отчукувања кои го зголемуваат ризикот од срцев удар или откажување на срцето.

Идејата дека црвеното вино е добро за здравјето на срцето често пати се споменува, бидејќи тоа содржи антиоксиданси и флавоноиди, молекули корисни за срцевото здравје. Во студија од 2017-та било откриено дека умереното пиење има позитивно влијание на холестеролот, и дека виното го зголемува нивото на добриот холестерол кој е индикатор на здравото срце.

Сепак, постојат поздрави начини да се искористат бенефитите на антиоксидансите и флавоноидите, а тоа е исхраната богата со бадеми, бобинки, јаболка, цитрус, спанаќ и црн и зелен чај (или темно чоколадо)

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 30.03.2020 11:31:14