Паметните очила имаат различни намени, од гејминг со подобрена реалност (AR – augmented reality), до прикажување на контекстуални информации во врска со објектите и опкружувањето на оној кој ги носи.
Во ерата на КОВИД-19 вирусот, тие би можеле да имаат уште една корисна намена – асистирање на луѓето чија задача е од далечина да забележат можни знаци на вирусот.
Оваа технологија е дело на компанијата за AR, наречена Vuzix, која прави паметни очила кои се користат за далечинска поддршка на корисници, логистика, телемедицина и производство.
Тие овозможуваат употреба како поврзување на оние кои ги носат со други личности со цел брза дијагноза, инспекција, или решавање на проблеми дури и во опкружувањата со недоволно моќна интернет конекција.
Librestream, компанијата која соработува со Vuzix, развила термална камера наречена Onsight Cube, која со дополнителен софтвер може да се поврзе со Vuzix M4000 паметните очила за во реално време да прикажува термални видео информации.
Со користење на Onsight AR платформата, медицинските работници би можеле видеата во реално време да ги споделуваат со глобалните медицински експерти, кои би можеле да го нагодат осветлувањето и зумирањето на видео сигналот, да снимаат видео и термални слики во висока резолуција, со што на медицинските лица би им се давале критични дијагностички информации во реално време.
Моментално, се користат температурни сензори како дијагностичка алатка во борба против ширењето на коронавирусот, кои се инсталирани во продавниците, канцелариите, фабриките и сл., па дури и на дронови со чија помош се идентификуваат оние со покачена температура.
Пристапот со очилата, пак, нуди едно мобилно решение кое може да биде управувано од далечина.