Без разлика дали поради природата, човечките акции или климатските промени, за жал никогаш нема да имаме прилика да ги погледнеме овие поранешни туристички атракции во живо.
1) Дрвото Вавома, Национален парк Јосемити, САД
Во 1881-ва, низ ова 2100 години старо и 71 метри високо секвоја дрво бил направен тунел, а веќе во доцните 1910-ти тоа станало популарно за туристите кои се сликале возејќи низ него. Но, за време на зимата во 1969-та, тоа се срушило, најверојатно поради снегот и навлажнувањето на почвата, а најверојатно и поради самиот тунел.
2) Статуите на Буда во Бамијан, Авганистан
Двете огромни статуи на Буда – највисоки на светот – биле изрезбани во 6-тиот век, со висина од 54 метри. Но, во 2001-та тие биле уништени од Талибан
3) Азурниот прозорец, Малта
Оваа природна формација можеби ви е позната од серијата Game of Thrones, како и од неколку други филмови и серии, а се работи за свод формиран од колапсот на крајбрежна пештера, најверојатно во 19-тиот век.
За жал, тој паднал поради силните бури во март 2017-та и сега се наоѓа на дното на морето каде привлекува нуркачи.
4) Бањите Суртро, Сан Франциско, САД
Сан Франциско покрај мостот Голден Гејт и островот Алкатраз, порано бил познат и како дом на најголемиот комплекс затворени базени во светот, кој се состоел од 6 базени со солена и 1 со свежа вода, со капацитет од 10 000 луѓе. Тој поради долгогодишни финансиски проблеми бил затворен во 1966-та, а потоа изгорел во летото истата година. Денес од него се видливи само темелите.
5) Кристална Палата, Лондон, Обединето Кралство
Еднаш викторијанско ремек-дело, оваа импресивна структура од стакло и челик била изградена во 1851-ва во Хајд Парк во Лондон, а подоцна била преместена во јужниот дел на Лондон каде останала 82 години.
Трагично, таа била уништена од пожар во 1936-та. Денес, од неа се останати терасите и големата биста на нејзиниот дизајнер, Сер Џозеф Пакстон.
6) Розовите и бели тераси, Нов Зеланд
Во средината на 19-тиот век, овие прекрасни природно формирани базенчиња привлекувале туристи од целиот свет и биле наречени „8-мо светско чудо“, пред да бидат уништени од ерупцијата на вулканот Таравера во 1886-та. Денес, нивната точна локација не е позната, но со анализирање на дневниците на геологот Фердинанд вон Хочстетер таа еден ден би можела да се открие и истите да се откопаат.
7) Водопадот Гуаира, Парагвај/Бразил
Пред 37 години, на границата помеѓу Парагвај и Бразил се наоѓал еден од најмоќните водопади во светот, кој се состоел од 18 водопади од кои највисокиот бил 40 метри. Во октомври 1982-та, водопадите биле затворени и уништени со динамит за да се креира браната Итаипу, која денес произведува 75% од струјата која ја користи Парагвај и 25% Бразил.
8) Планинскиот старец, Њу Хемпшир, САД
Гледано од северната страна на планината, оваа карпа наликувала на профил на стар човек, со дефинирана форма на челото, носот, усните и брадата, поради што била наречена „планинскиот старец“, иконскиот симбол на Њу Хемпшир.
По скоро 12 000 годишно постоење, во мај 2003-та ова парче карпа се откорнало од планината.