Нова студија од медицинската школа при универзитетот на Минесота сугерира дека маслиновото масло има карактеристики кои го продолжуваат животот и намалуваат ризикот од болести поврзани со староста, како дијабетесот и срцевите заболувања.
Истражувачите го анализирале начинот на кој ова масло влијае на човечките клетки во Петриев сад, по што било заклучено дека мастите во него ги активираат клеточните патеки во телото поврзани со подолг живот.
Начинот на кој што тоа функционирало е што мастите прво се сместуваат во микроскопските липидни капки, што е начинот на кој нашите клетки ги складираат, а потоа, кога мастите се разградуваат за време на вежбањето, тогаш се реализираат нивните ефекти.
Маслиновото масло е клучниот елемент на медитеранската исхрана, која вклучува зеленчуци, масни риби и храна со здрави масти.
За разлика од останатите рестриктивни диети како кето или аткинсоновата, медитеранската дозволува јадење на разни видови на храна во умерени количини, а неа може да ја применуваат скоро сите, вклучувајќи ги и децата и постарите луѓе.
Бидејќи оваа исхрана се фокусира на здрави масти како оние од маслиновото масло, авокадото и лососот, таа помага во намалување на лошиот холестерол, а со тоа и на ризикот од поголеми срцеви заболувања. Истата помага и во превенцијата од когнитивни заболувања како Алцхајмеровата или Паркинсоновата болест, како и од ракот на дојка.