Здравствени митови од филмовите и сериите

Филмовите и сериите имаат големо влијание врз луѓето, па лесно е да се поверува она што го гледаме на екраните, особено доколку се работи за нешто од област за која не сме премногу упатени.

Така, полно дејствија поврзани со здравјето кои ги вршат ликовите не се подеднакво ефективни и во реалниот живот, а некои се и целосно неточни.

Еве неколку примери:

1) Исечен дел од телото мора да се стави во мраз

Секојпат кога нечиј прст ќе биде отсечен во филмовите, ликовите задолжително го ставаат во кеса полна со мраз, пред (успешно) да биде сошиен на сопственикот.

Меѓутоа, доколку тоа навистина се случи, хирурзите предупредуваат делот од телото да не се става во мраз, бидејќи тоа може дополнително да го оштети ткивото. Наместо тоа, ампутираниот дел треба да се завитка во влажна газа, да се стави во водоотпорна кеса, па потоа таа кеса во мраз во затворен контејнер, или во уште една водоотпорна кеса.

2) Уринирање врз делот од телото каде ве боцнала медуза

Во скоро секој филм/серија кога некој ќе е боцнат од медуза, се дискутира околу тоа кој ќе уринира врз него.

Во реалноста, потврдено со бројни студии, тоа нема никаков ефект на раната, па дури може и да ја влоши. Наместо тоа, раната треба да се потопи во топла вода (40-50°C), во траење од околу 20 минути.

3) Користиме само 10% од мозокот



Ова често застапено тврдење во филмовите е сосема неточно. Повеќето луѓе го користат скоро целиот капацитет на мозокот, освен ако немаат некое невролошко пореметување. При било која акција, се користи значителен дел од мозокот, бидејќи многу негови делови активно функционираат дури и за вршење на наједноставните и најмали дејности.

4) Со CPR и електрошокови секогаш се спасува живот

CPR (Cardiopulmonary resuscitation / кардиопулмонална реанимација) често пати се користи во филмовите и сериите кога некој пациент во болница е клинички мртов и треба да се оживее, а процедурата (скоро) секогаш е успешна. За жал, статистиките го кажуваат сосема спротивното. Според нив, CPR функционира во околу 2 од 10 пати.

Нешто слично важи и за дефибрилаторот, т.е електро-шоковите. Во филмовите, секогаш кога на некој ќе му запре срцето, се појавува доктор со електричните лопатки со кои пациентот се шокира и оживува. Но во реалноста, дефибрилатор не може да се користи врз некој чие срце не работи, бидејќи не постои неправилен електричен ритам кој треба да се шокира назад во нормален.

5) При каснување од змија, отровот треба некој да го ишмука од раната

Докторите велат дека ова не прави ништо за да се помогне на жртвата касната од змија. Отровот се шири премногу брзо и не е лесно да се лоцира, а покрај тоа околу 25% од каснувањата од змии се „суви“, односно не содржат отров. Наместо да се губи време на тоа, жртвата е потребно што побрзо да се однесе до медицинска установа каде професионалци ќе се справат со раната.

6) Главата треба да се наведне наназад при крварење од нос

Ова е спротивно на тоа што треба да го направите, бидејќи така крвта протекува во грлото, што може да предизвика давење или повраќање. Наместо тоа, треба да се седне исправено, главата малку да се наведне нанапред, додека нежно се стискаат ноздрите.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 16.03.2020 08:14:58