Футурама

Свеста на мајмуни вклучувана и исклучувана со електрицитет

Научниците покажале дека е возможно мајмун да се разбуди од длабок анестезиран сон со помош на електрицитет во малечка комора која се наоѓа длабоко во мозокот. Ова откритие би можело да помогне во развивањето на подобри третмани за мозочните пореметувања.



Мозочната структура за која станува збор е позната како централен латерален таламус, сива материја која се наоѓа веднаш над мозочното стебло. Истражувачи од универзитетот на Висконсин-Медисон откриле дека стимулирање на оваа структура со електрицитет со специфична фреквенција предизвикувало будење на мајмун под анестезија, кој за само неколку секунди се освестил со сосема нормална мозочна функција, со тоа што во моментот кога електричната стимулација запрела, мајмунот повторно ја губел свеста.

Процедурата мора да биде неверојатно прецизна – специфични локации оддалечени само 200 милионити делови од метар мора да бидат симултано шокирани со електрицитет со фреквенција од 50 херци, во кратки интервали кои се повторуваат 50 пати во секунда.

Истражувачите оваа област ја именувале како „моторот на свеста“, а со негово разбирање тие се надеваат дека ќе ги разберат физичките процеси кои стојат зад неа. Преку анализирање на мозочните скенови направени додека мајмуните преминувале од несвесна во свесна состојба, истражувачите виделе дека централниот латерален таламус стимулирал делови од кортексот, кои како резултат му „кажувале“ на таламусот да ги одржува „будни“.

Овие нови сознанија би можеле да се искористат за третирање на мозочни пореметувања кои влијаат на свеста, како на пример на пациентите во длабока кома или вегетативна состојба.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 24.03.2020 15:33:24