Футурама

Метаматеријал за забрзување на снимањето со магнетна резонанца

Докторите користат MRI (Magnetic resonance imaging), т.е снимање со магнетна резонанца за дијагностицирање на медицински проблеми преку забележување на абнормалности кои би можеле да индицираат било што, од скинат мускул, па до мускулна дистрофија.

Но, овие уреди и снимања се скапи, ги експонираат пациентите на радијација, а снимањата траат долго – често и до еден час за едно скенирање. На пример, во болниците во земјите како Индија, периодите на чекање за MRI снимање може да траат и повеќе од една година, што ги става животите на пациентите под ризик.

За да го забрзаат процесот на скенирање, истражувачи од школата за медицина при универзитетот Бостон искористиле метаматеријали.



MRI функционира со генерирање на моќно магнетно поле, и испраќање на радио бранови во телото на пациентот. Магнетното поле на овие машини е илјадници пати посилно од магнетното поле на Земјата, а прецизно оркестрирана серија од високо-енергетски радио бранови се испраќаат во телото, за да ткивата емитираат радио бранови со пониска енергија кои потоа MRI машината ги прима за да продуцира слика.

Квалитетот на скеновите зависи од нешто што се нарекува „сооднос помеѓу сигналот и бучавата“, или SNR (signal-to-noise-ratio). Колку SNR е поголемо, толку сликата е подобра, а најдиректен начин тоа да се подобри е да се засили магнетното поле. Меѓутоа, тоа ја зголемува комплексноста и цената на MRI, а претставува и потенцијален ризик за пациентите чие ткиво (и имплантирани медицински уреди) буквално се загреваат поради радијацијата.

За да го постигнат тоа, истражувачите развиле нов магнетен метаматеријал кој кога ќе се постави покрај дел од телото кој е цел на скенирањето, ја зголемува енергијата која ја емитира телото на пациентот, зголемувајќи го SNR и подобрувајќи ја MRI сликата.



Потоа, тој материјал бил унапреден во нешто што се нарекува „паметен“ метаматеријал, кој селективно ги засилува ниско-енергетските емисии од телото на пациентот и буквално самиот се исклучува за време на преносот на високо-енергетските радио зраци од машината во интервали од неколку милисекунди.

Паметниот метаматеријал го зголемува SNR 10-кратно, што значително го подобрува квалитетот на сликата и го скратува времето потребно за скенирање. Истражувачите проценуваат дека конструирање на мрежа од овој метаматеријал би чинело помалку од $10.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 29.11.2019 14:51:46