Постојат многу начини на кои модерната технологија може да се искористи за да се потврди дека некоја личност е таа која што тврди дека е - од етаблирани биометриски идентификациски техники како отпечатоци на прсти и препознавање на лице, до поекспериментали како оние кои го корисат отчукувањето на срцето или формата на задникот.
Во нова студија истражувачите од ETRI (институтот за истражувања од областа на електрониката и телекомуникациите) во Кореја опишуваат како звучните бранови кои поминуваат низ човечкото тело може да се користат за добивање на позитивна идентификација. Со помош на биоакустично моделирање, возможно е некој да се идентификува според цврстината на зглобовите, тежината на коските или пак кожата – нешто што е тешко, па и невозможно да се фалсификува.
Истражувачите сметаат дека нашето тело е како еден вид на музички инструмент кој има уникатна форма и состав од материјали, а нивната технологија карактеристиките на телото ги проценува преку вибрирање на одреден дел – на пример, дланката – и „слушање“ на звуците кој тој ги произведува при одредени фреквенции.
Технологијата моментално се тестира на повеќе од 50 субјекти, а нејзината ефикасност е слична на онаа од најмодерните технологии за скенирање на отпечатоци од прсти или од ирисот на окото.
Разликата е во тоа што со биометриските технологии како скенирање на отпечаток на прст, ирис или препознавање на лице, возможно е да се направат нивни лажни копии бидејќи биометриските системи од тој тип се базираат на структуралните карактеристики кои можат да се ископираат. Новата метода користи карактеристики скриени внатре во телото и екстрахира информации од доменот на фреквенциите, што креира сосема ново ниво на безбедност.