Двајца култни гитаристи од САД – Дејвид Торн и Фред Фрит со неговото трио во Националната опера и балет (НОБ) го отворија 38-от Скопски џез фестивал.
Дејвид Торн е композитор, текстуралист, гитарист, импровизатор, филмски композитор и продуцент со извонредна светска репутација, познат по својот уникатен музички израз што опфаќа и воедно проблематизира низа идиоми и стилови. Неговиот карактеристичен и композиторски текстурален опус изврши сериозно влијание како врз филмската музика така и врз современата електрична, електро-акустична и електронска музика.
Покрај овие ангажмани, Торн првенствено се докажа како еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години. Користејќи комплексен систем на сложени лупови и ефекти, тој гради звучни визии што асоцираат на отворени рамнини и шилести кањони, на поларни светлини и сиви мугри. Создавајќи волшебни, вонземски пејзажи и пасторални предели, преполни градски авении и океански длабочини, Торн доловува посебна атмосфера како што тоа им успева само на неколку современи музички визионери.
По Торн, на сцената настапи и Фред Фрит со неговото трио.Тој е активен на авангардната музичка сцена од 60-те години на минатиот век. Три децении ја водеше легендарната група Henry Cow. Во доцните седумдесетти се сели во Америка и почнува да соработува со познати њујоршки експериментални музичари. По издавањето на влијателниот албум “Guitar Solos” во 1974 година, Фрит обезбедува извонредно значајно место на светската импровизаторска сцена. Од неодамна настапува со своето Fred Frith Trio, во кое членуваат две исклучително талентирани музички фигури од Сан Франциско: басистот Џејсон Хупс и тапанарот Џордан Глен. Триото има издадено два албума за Intakt Records: “Another Fucking Day in Paradise” (2016) и “Closer to the Ground” (2018). Критиката ги опиша како „тројца екстравагантно креативни музичари кои создаваат музика каква што досега никогаш не сме слушнале“.