Футурама

Вештачка крв која би можела да се дава на сите крвни групи

Јапонски научници развиле „вештачка крв“ која теоретски би можела да се дава на пациенти без разлика која крвна група ја имаат. Истражувањата сè уште се во екстремно почетната фаза, а досега крвта е тестирана на 10 зајаци со мешан успех.



Моментално, доколку имате потреба од трансфузија на крв, крвта која се прима мора да биде од истата крвна група како вашата или од „универзалниот донор“ О негатив. Поради ова јапонските истражувачи дошле на идеја да развијат вештачка крв која ги имитира и извршува функциите на биолошката (примарно складирање и транспорт на кислород).

Типично, хемоглобинот е протеин во црвените крвни клетки кој го пренесува кислородот до ткивата и го враќа јаглеродниот диоксид во белите дробови, а како негова замена тимот научници развил „везикули хемоглобин“ со дијаметар од само 250 нанометри кои можат да служат за пренесување на кислород. Тие биле измешани со хемостатични наночестички базирани на липозом и со плазма, жолтеникавата течна основа на крвта.

Ваквата крв била внесена по пат на трансфузија во 10 зајаци кои имале смртоносно крварење од повреда на црниот дроб. 6 од нив преживеале, а кај ниедно од животните не се забележани сериозни несакани ефекти.

Не е познато дали овој продукт потенцијално би можел да предизвика поголеми здравствени проблеми бидејќи не била испитана долгорочната безбедност на крвта, како и дали би го имал истото дејство и врз луѓе. И покрај сите овие ограничувања, се работи за уште еден витален чекор за откривање на многу потребната универзална замена за човечката крв, особено за итни трансфузии.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 10.10.2019 09:16:06