Негативното влијание кое јо-јо диетите го имаат врз мускулите

Како што старееме, во процесот наречен саркопенија се губи дел од мускулната маса и функција. Тој започнува во 30-тите и се засилува секоја наредна декада. Иако се работи за природна и нормална прогресија, постојат одредени акции кои може да се преземат за да се забрза или забави.

На пример, неактивноста може да го забрза, предизвикувајќи 5 проценти, па и повеќе, губиток на мускулната маса во споредба со некој кој што е активен.

Уште еден потенцијален забрзувач на саркопенијата се јо-јо диетите.

Нова студија сугерира дека промените во тежината може да имаат негативен ефект кога станува збор за силата и функцијата на мускулите. Претходни истражувања покажале дека јо-јо циклусите силно влијаат на здравјето на други начини, особено врз срцето, хормоните и метаболизмот.

Во новата студија, истражувачите анализирале 60 мажи и 147 жени, чиј просечен индекс на телесна маса бил 38, а просечната старост 52 години. Истите биле категоризирани во 3 групи – оние чија тежина не се менувала, оние чија тежина варирала неколку пати во животот и оние кои имале повеќе од 5 варирања на тежината во текот на животот.

Еден циклус на варирање на тежина бил дефиниран како доброволно слабеење повеќе од 3 килограми, проследено со недоброволно враќање на истата тежина (или повеќе) во текот на истата година.

Целта на студијата била да се анализира губењето на мускулната маса и сила преку разни вежби, како и на минералната густина на коските и процентот на чиста мускулна маса, како и на маснотии.

Било откриено дека оние во групата чија тежина варирала повеќе од 5 пати имале скоро 4 пати поголем ризик од ослабување на мускулната маса, во споредба со групата чија тежина не варирала и 6 пати поголем ризик кога станувало збор за силата на стисокот со рака (која била мерена кај сите групи).



Заклучокот бил дека доколку на партиципантите не им варирала тежината, дури и ако биле со прекурмерна тежина тие би имале помало губење на мускулната маса во текот на животот.

Причината за тоа e што кога се накачува тежината, скоро секогаш телото додава повеќе масти отколку што претходно имало, а мастите можат да го спречат правилното функционирање на аминокиселините во мускулното ткиво бидејќи протеинот не се синтетизира доволно добро, што резултира со тоа да мускулите не добиваат доволно протеин за да ја одржат силата.

Тоа може да предизвика состојба наречена саркопениска дебелина, која се влошува доколку јо-јо циклусите продолжат и понатаму.

Со јо-јо диетите, повеќето мислат дека стануваат поздрави (бидејќи брзо слабеат), но скоро секогаш резултатот е сосема спротивен и луѓето стануваат помалку здрави отколку кога почнале со диетата.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 17.10.2019 14:08:59