Омнибус

Моќна претсмртна порака: Не се нервирајте за ситници и сакајте ги блиските

Ешли Ен Кузма, наставничка од месноста Конвеј, Пенсилванија, САД, по двегодишна битка со рак на грлото, починала минатиот месец. Зад себе таа ги остави родителите, една сестра и учениците што отсекогаш ја обожавале.



Но, за да го направи сѐ тоа што побезболно за своите блиски, но и како пример за други луѓе што се соочуваат со неизбежна смрт на свој близок, девојката оставила моќна проштална порака за она што е навистина важно во животот.

– Кога имаш повторлив рак на грлото, којшто, едноставно, не прифаќа ’не‘ како одговор, имаш многу време да размислуваш за смртта. Добрата работа е што повеќе не мора да се грижам за штедење за пензија, исплата на студентски трошоци, или пак – да не добијам рак на кожата, се вели на почетокот од прошталното писмо на девојката која почина на 32 години.

Кузма по појавата на болеста, го изгубила гласот и сакала да се откаже од работата. Но, нејзините ученици, со петиција, ја премислиле и така таа продолжила да предава, со помош на електронско помагало за говор.

– Јас сум бескрајно благодарна за животот што го проживеав. Ја имав среќата да имам семејство кое ме сака и го сакам, пријатели коишто ме поддржуваат, стабилна работа којашто ми значи и дом што можам да го наречам – мој. Мојата порака до вас е да не дозволувате безначајни ситници да ве потресуваат. Правете го она што е важно за вас. Опуштете се и уживајте во друштвото на оние околу вас. Што е тоа коешто го цените во животот? На крајот, тоа е важно!, порачува таа.

Извор:  МИА
Објавена на 08.10.2019 10:44:24