Футурама

Научници откриле неврони со чија помош мозокот заборава

Губењето на меморијата е неопходен дел на секој мозок кој добро функционира. Како што се покажало во нова студија, мозокот можеби има специјализиран сет неврони кои функционираат за активно да не тераат да забораваме, со цел да се издвојат и отстранат непотребните информации кои ги собираме во мозокот во текот на денот.

Истражувачите откриле дека луѓето забораваат за време на специфична фаза од спиењето (REM фазата) преку специфичен сет неврони кои се наоѓаат длабоко во мозокот.

Тие клетки се познати како хормонски неврони во кои се концентрира меланин (melanin-concentrating hormone neurons) или накратко MCH. Овие мозочни клетки претходно биле познати по тоа што креираат хормон кој стимулира апетит, а сега се смета дека ја контролираат и активната деструкција на мемориите за време на REM фазата, уникатната фаза на спиењето кај цицачите и птиците која е асоцирана со соништата.

Со анализирање на мозоци на глувци, тимот истражувачи открил дека над 52% од MCH клетките се актвирале за време на REM фазата, во споредба со 35% кога глувците биле будни.

Покрај тоа, било откриено и дека MCH клетките испраќале инхибиторни пораки до хипокампусот, „штабот“ во мозокот каде се складираат мемориите.

Со помош на генетско модифицирање, потоа биле креирани глувци на кои MCH невроните им биле вклучени или исклучени, и било откриено дека оние кои имале активирани MCH неврони имале влошена меморија за време на серија мемориски тестови.

На изненадување на научниците, било откриено дека нивното активирање го намалило времето кое глувците го поминувале душкајќи околу нови објекти во споредба со веќе познати објекти, додека исклучувањето на невроните предизвикувало спротивен ефект.

Резултатите од студијава сугерираат дека MCH невроните му помагаат на мозокот ативно да заборава нови и неважни информации, што е најверојатно и причината за заборавање на соништата, бидејќи тие се случуваат токму во REM фазата кога овие неврони се активни и се спречува складирање на мемориите во хипокампусот.

Истражувачите се надеваат дека студиите од овој вид би можеле да го отворат патот кон други истражувања со кои подобро ќе ги разбереме здравствените состојби поврзани со меморијата, како што е Алцхајмеровата болест.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 07.10.2019 09:14:05