Футурама

NASA претстави робот кој се трансформира за истражување на Титан

NASA претстави прототип на робот кој се трансформира, а кој би можел да се користи за истражување на Титан, најголемата месечина на Сатурн.



Роботот е направен од помали роботи кои можат да формираат сфери, летечки дронови или пак еден вид на подморница, што значи дека би имал мобилност која би вклучувала летање во атмосферата, тркалање на мазна површина (во форма на топка составена од повеќе роботи), движење под вода (во форма на торпедо од повеќе роботи) или пловење на нејзината површина.

Овој концепт е дел од истражувачки програм чија цел е одредени идеи кои ќе се покажат како функционални да бидат претворени во реалност.

Малите роботи од кои се составуваат поголеми се наречени „коботи“ и содржат мал пропелер со чија помош би можеле да се движат независно едни од други, но и да функционираат заедно и да одржуваат контакт со површината кога би истражувале пештери и слично.



Секој кобот е екстремно едноставен со минимален дизајн кој се состои од пропелери и активатори, а вселенско летало како Hygens сондата на Европската Вселенска Агенција би можело да служи како енергетски извор за овие роботи, но и како носач на научните инструменти за вршење на анализи на примероците собрани од нив.

Тимот истражувачи кој работел на овој концепт ќе го приложи во процесот за селекција во 2020-та, со цел тој да биде дел од мисијата кон Титан наречена Dragonfly, чие лансирање е закажано за 2026-та.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 03.10.2019 10:10:06