Новата, 8-ма генерација на Mk8 Volkswagen Golf ќе биде официјално претставена за неколку недели, а нејзиниот прототип е забележан на шпионски фотографии и тоа потполно немаскиран.
Новиот хечбек ќе има нова дигитална кабина, избор од нови хибридни погони, и суптилни измени во дизајнот како што се поширок преден браник и потесни предни фарови, пониско поставена предна решетка, како и зголемено меѓуоскино растојание кое ќе овозможи повеќе простор во внатрешноста за патниците.
Следниот Golf ќе го внесе Volkswagen во ерата на целосно поврзани возила со автономни возачки функции, и ќе има вградено повеќе софтвер отколку било кој Golf досега. Тој секогаш ќе биде онлајн, а неговиот дигитален кокпит и системите за асистенција ќе бидат репер во однос на поврзаноста и безбедноста.
Новиот Golf ќе ја претрпи најголемата трансформација во 45-те годни на постоењето на овој модел, со вградувањето на хибридната технологија и комплетна промена на дизајнот на ентериерот, а ќе продолжи да биде базиран на ревидирана верзија на сегашната MQB платформа која ќе биде полесна за 70кг. од сегашната, благодарение на употребата на полесни материјали.
Покрај бензинските и дизел мотори, ќе биде понудена и средно хибридна технологија со електричен систем од 48 волти. Бензинскиот мотор ќе биде нов 1.5 литарски 4-цилиндричен турбо, додека сегашниот 1.6 литарски дизел ќе биде заменет со 1.5 литарски.
Варијантите како GTI и R ќе нудат подобрени перформанси, со моќност од 254 коњски сили (GTI) , и 355 коњски сили (R). Ќе биде понуден и GTE plug-in хибриден модел, додека целосно електричен Golf (наречен e-Golf) нема да биде претставен сè до следната, 9-та генерација, поради пристигнувањето на I.D фамилијата возила на Volkswagen.