Третата и последна сезона на HBO серијата „Хрониките на Тајмс сквер“ (The Deuce), со Џејмс Франко и Меги Гиленхол во главните улоги, ќе има премиера на 10. септември во 20:00 часот на HBO, а истиот ден првата епизода ќе биде достапна и на HBO GO. Нови епизоди ќе се емитуваат секој вторник во 20 часот, а истиот ден ќе бидат достапни и во понудата на HBO GO.
Оваа драмска серија ги истражува легализацијата и подемот на порно индустријата во 70-тите и 80-тите години во Њујорк, односно почетоците на она што ќе стане американска секс-индустрија вредна милијарди долари.
Третата сезона започнува седум години по завршување на претходната и ги води гледачите во 1985 година кога ВХС касетите стануваат главен медиум за дистрибуција на порнографски содржини, а Тајмс сквер е полн со сомнителни видео клубови и криминал. Следејќи го животот на бармени, проститутки, макроа, полицајци, мафијаши, порно актерки и продуценти, финалната сезона во 8 епизоди ќе ја приведе серијата до возбудлив и драматичен крај.
Креатори на „Хрониките на Тајмс сквер“ се Џорџ Пелеканос и Дејвид Сајмон, познати по HBO сериите „Нарко-мрежа“ и „Треме“, a истовремено се и извршни продуценти заедно со Нина К. Нобл и Џејмс Франко. Во главните улоги ги гледаме Џејмс Франко, кој ги игра браќата близнаци Винсент и Френки Мартино и Меги Гиленхол која го игра ликот на Кенди, режисерка на порно филмови. Во останатите улоги настапуваат: Маргарита Левјева, Емили Мид, Лоренс Гилијард Јуниор, Лук Кирби, Крис Бауер, Крис Кој, Мајкл Рисполи, Дејвид Крумхолц, Даниел Соли и други.
Сценариото за третата сезона го напишаа Дејвид Сајмон, Џорџ Пелеканос, Карл Капоторто, Вил Ралстон, Крис Јакаитис и Стефани Делука. Режисери на епизодите се Алекс Хол, Сузана Вајт, Тања Хамилтон, Роксен Досон и Џејмс Франко.