Стартап компанијата Gateway Foundation планира да лансира луксузен хотел во Вселената и да го именува Von Braun вселенска станица, во чест на нацистичкиот ракетен научник кој прв пат го замислил овој концепт во 1950-тите.
Планот е до 2025-та да се лансира модуларна вселенска станица направена од два ротирачки концентрични прстени за кои компанијата вели дека ќе овозможуваат вештачка гравитација која ќе изнесува 1/6 од Земјината гравитација.
Оваа вселенска станица треба да биде еден вид на „брод за крстарење“ а не стерилна истражувачка лабораторија како ISS (Интернационалната Вселенска Станица).
Архитектите од Gateway Foundation ја замислуваат со барови и ресторани, што креира дополнителни логистички предизвици кои сè уште се немаат појавено во вселенската индустрија, како на пример изнаоѓање начин за справување со испарувањата од кујната.
Од компанијата се надеваат дека откако ќе профункционира во 2025-та, на станицата ќе има 100 посетители неделно, а неа ќе ја конструираат вселенски роботи – што значи дека некој друг ќе треба прво да ги направи тие роботи, како и леталото за транспортирање на цивилите до станицата.
Според Gateway Foundation, патувањето во Вселената во иднината ќе биде уште една опција која луѓето ќе ја имаат кога ќе бираат каде да одат на одмор.