Футурама

Успешно прво човечко тестирање на вакцина против кламидија

За прв пат успешно е тестирана вакцина против кламидија врз луѓе. На истата и претстои долг пат пред да биде на располагање за пошироката јавност, а идните тестирања ќе ја следат нејзината ефективност со цел да се утврди правилната доза.



Врз 35 жени биле тестирани две верзии на вакцината и една плацебо инјекција - првата формулација содржела CAF01 липозоми за подобрување на клеточниот имунитет, додека втората содржела алуминиум хидроксид, кој е познат по тоа што ја зголемува продукцијата на антитела.

И двете формулации предизвикале имунолошки одговор, но онаа која содржела дополнителни CAF01 липозоми создала 560% повеќе антитела и долгорочен имунитет, поради што таа верзија ќе влезе во втората фаза на тестирањата.

Глобално, кламидијата е највообичаената сексуално пренослива болест, со скоро 131 милион случаи низ светот секоја година, а може да се пренесе преку незаштитен секс, дури и без пенетрација.

Се смета за „тивка“ болест бидејќи често пати не предизвикува симптоми, но доколку не се третира правилно може да доведе до неплодност и други сериозни компликации, како ектопична (вонматерична) бременост, спонтан абортус, мртвороденче, како и предвремено породување. Исто така, луѓето кои ја имаат се со зголемен ризик и од други сексуално преносливи болести, како гонореја и ХИВ.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 14.08.2019 10:36:06