ДКСК ќе ги испитува законитоста и постапките за договорот за детска кардиохирургија

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе испитува дали е законска постапката за доделување на лиценцата за вршење дејност од областа на детска кардиохирургија на специјализираната болница по хируршки болести „Жан Митрев“, како ќе работи оваа болница откако единствениот лиценциран детски кардиохирург Владимир Чадиковски даде отказ, и дали се исполнети условите за еднострано раскинување на договорот.

На денешната седница на ДКСК претседателката Билјана Ивановска појасни дека Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива, а по допрен глас од медиумите, ќе ги испитува причините за раскинувањето на договорот на доктор Чадиковски со Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.

– Целта е да утврдиме дали постапката за доделување на лиценцата за вршење на дејноста од областа на детска кардиохирургија на специјализираната болница по хируршки болести „Жан Митрев“ е спроведена согласно одредбите од законот за здравствена заштита и тоа членовите 229, 230, 231 и 232, рече Ивановска.

Со оглед на фактот што доктор Чадиковски даде отказ од болницата „Жан Митрев“, дополни, Антикорупциска ќе испитува дали се исполнети законските предуслови за прогласување едностран раскин на лиценцата поради губење на економските технички или оперативните способности потребни за вршење на дејноста на носителот на лиценцата предвидени со законот.

Ивановска посочи дека ова е актуелна новонастаната состојба, а тука, како што рече, се третира и јавното приватно партнерство.

-Ние сега ја отвораме постапката за Чадиковски, а што ќе бараме ќе видиме. Ќе бараме документи. Да утврдиме дали постапката за доделување на лиценцата за вршење на дејноста од областа детска кардиохирургија на специјализираната болница е спроведена согласно одредбите од законот. И со тоа што Чадиковски даде отказ дали има услови за прогласување едностран раскин на лиценцата поради губење економски, технички или оперативни способни потребни за вршење на дејноста. Односно како сега ќе работи специјализираната болница зошто единствениот лиценциран кардиохирург излезе од болницата, дали ќе им остане лиценцата, рече Ивановска, одговарајќи на новинарски прашања.

Како што дополни членот на Комисијата Горан Трпеноски, ќе разгледуваат и дали се зголемени цените и се што произлегува со договорот од јавно-приватни партнерство и како бил склучен.

На денешната седница Владимир Георгиев беше избран за нов заменик претседател на ДКСК. Изборот на заменик претседателот на ДСК се врши на секои шест месеци и се избира по азбучен ред.

Извор:  МИА
Објавена на 12.08.2019 14:57:35