2020 Audi e-tron 50 quattro

Audi претстави нова основна верзија на нивниот комплетно електричен SUV, наречена e-Tron 50 quattro, која ќе има послаби перформанси од сегашниот e-Tron 55 quattro, помал домет и побавно полнење.

Првите испораки се очекуваат во почетокот на 2020-та, по цени од 69 000 евра.



e-Tron 50 quattro ќе има електрични мотори на секоја од оските и погон на сите тркала, но поради помалиот батериски пакет од 71kWh, моќноста ќе му биде 312 коњски сили и 540Nm вртежен момент, во споредба со 407 коњски сили и 664Nm вртежен момент кај e-Tron 55.

Максималната брзина ќе му биде намалена на 190км/ч., забрзувањето од 0-100км/ч. ќе изнесува 7 секунди (1.3 секунди повеќе од e-Tron 55), а дометот 300км (наместо 400км кај e-Tron 55).

Автомобилот ќе подржува и 120kW брзо полнење, со кое батеријата ќе може да се наполни до 80% капацитет за околу половина час, а електричните мотори ќе можат дел од енергијата да ја вратат преку забавувањето, со приоритет даден на задниот мотор кој ќе ја надополнува батеријата.



Ќе биде понуден и системот за поврзано полнење како дополнителна опција, кој ќе нуди функции за „паметно полнење“ (овозможувајќи автоматско полнење во периодите кога струјата е поевтина, на пример), а системот ќе ја вклучува и myAudi апликацијата преку која сопствениците ќе можат да го регулираат полнењето, како и далечински да го програмираат системот за контрола на климата.

И покрај редуцираните перформансите, стандардната опрема на e-Tron 50 quattro ќе биде споредлива со онаа понудена кај најевтиниот e-Tron 55 quatrro, како што е контрола на климата во две зони, адаптивна воздушна суспензија и дигитална инструмент табла.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 09.08.2019 11:27:03