Што му се случува на телото поради недоволно спиење?

Идеално, секој би требало да спие минимум 8 часа секоја ноќ, но за жал кај повеќето тоа е тешко остварливо, особено доколку имате новороденче во домот. Недоволното спиење има влијание на здравјето и тоа:

1) Се влошува балансот и рефлексите при движењето

Според студија од 2018-та, недоволното спиење може да резултира со влошување на балансот при движењето. Без тоа, централниот нервен систем не е способен да се синхронизира со останатите есенцијални физиолошки процеси, како што е визуелниот систем. Во друга студија, пак, било утврдено дека по 17 часа без спиење, луѓето функционирале како да имаат концентрација на алкохол во крвта од 0.05 промили. По 20 до 25 часа, тој број се зголемил на 0.1.

2) Ослабува меморијата

Студии покажале дека субјектите кои не спиеле имале намалени когнитивни функции, а нивните неврони имале потешкотии при комуницирањето. Поточно, била намалена нивната способност да категоризираат слики, а со тоа и да повлекуваат сеќавања.

3) Се зголемува тежината



Во студија од 2006-та врз 68 000 жени, било заклучено дека оние кои спиеле 5 или помалку часа во една ноќ накачиле поголема тежина за период од 16 години колку што траела студијата, во споредба со оние кои спиеле повеќе од тоа секоја вечер. Нивниот ризик од прекумерна тежина исто така бил за 15% повисок. Причината за тоа е поврзаноста помеѓу спиењето и промените во метаболизмот.

4) Се зголемува ризикот од дијабетес

Кога телото е недоволно наспано, компензира со лачење на високо ниво на стрес хормони како кортизолот, со целта да нè одржува будни. Ова го прави телото помалку чувствително на ефектите на инсулинот, што значи дека телото ја конвертира глукозата во енергија многу помалку ефикасно. Со тек на време, тоа може да доведе до зголемено ниво на глукоза во крвотокот, зголемувајќи го ризикот од дијабетес.

5) Ослабнува имунолошкиот систем



Тоа се случува бидејќи системите вклучени во циркулирањето на белите крвни клетки не функционираат со полн капацитет кога телото не е одморено т.е наспано.

6) Се намалува либидото

Без доволно спиење, се намалува либидото и кај мажите и кај жените. Кај мажите тоа е поради тестостеронот чие ниво значително се намалува кога не спиеме, а кај жените тоа е резултат на намалената енергија и зголемена раздразливост – комбинација која тешко некого да го стави во расположение за интима.

7) Се зголемува ризикот од Алцхајмерова болест



Алцхајмеровата болест е резултат на таложење на протеинот амилоид-бета во мозокот, кој ја попречува функцијата на клетките. Само една ноќ без спиење може значително да го зголеми нивото на овој протеин во мозокот, што значи хроничното неспиење може сериозно да влијае на когнитивната функција со тек на времето.

8) Кожата старее побрзо

Недоволно спиење предизвикува знаци на стареење на кожата, како намалена еластичност, појавување на брчки и намалена способност од заздравување од изгореници.

Причината за тоа е што нивото на кортизол природно се намалува кога спиеме, а бидејќи овој хормон помага за регенерирање и заздравување на кожата, недостатокот од спиење значително може предвремено да ја остари.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 09.08.2019 11:25:33