Футурама

Идентификувана клетка која има моќ да го регенерира црниот дроб

Научниците од Кралскиот колеџ во Лондон откриле вид на клетка која има способност за регенерирање на ткивото на црниот дроб.

Со понатамошно модифицирање и многу години истражување, тие се надеваат дека ваквите клетки еден ден би можеле да се користат во терапии за црниот дроб без потреба од трансплантација.



Новиот вид на клетка е наречен хепатобиларен хибриден прогенитор HhyP (hepatobiliary hybrid progenitor) и се работи за клетка способна да се трансформира во два вида на клетки од кои се состои поголем дел од ткивото на црниот дроб (хепатоцити и епителни клетки на жолчниот канал) – на сличен начин како што тоа го прават матичните клетки. Се смета дека ваквите клетки телото ги користи за време на раниот развој на фетусот, но во мала количина постојат и кај возрасните.

Научниците сега треба да го откријат начинот за ефикасно конвертирање на плурипотентни матични клетки во HHyP клетки кои би можеле да се трансплантираат во пациенти со заболувања на црниот дроб, како и да видат дали можат да ги репрограмираат HhyP клетките кои се веќе во телото со помош на традиционални фармаколошки лекови.



Црниот дроб е единствениот внатрешен човечки орган кој има способност да се регенерира откога ќе се оштети, без разлика дали се работи од физичка повреда, болест или злоупотреба на дроги или лекови. Сепак, доколку тој постојано се оштетува, целосната регенерација не е возможна поради развивање на лузни, познато како цироза.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 06.08.2019 10:41:58