Омнибус

Што всушност се наоѓа во Областа 51?

Освен ако не сте живееле „под камен“ изминативе неколку дена, најверојатно сте запознаени со тоа дека над 1 милион луѓе (од кои повеќето од шега) се пријавиле за настанот на 20 септември, кога треба да се случи наводно влегување со сила во Областа 51 (Area 51).

Што всушност знаеме за оваа локација која е особено омилена на љубителите на конспиративни теории?



Областа 51 е класифицирана воена воздухопловна база во јужна Невада, која служи како далечински одред на воздухопловната база Едвардс во јужна Калифорнија.

Околу неа има заштитен воздушен простор со димензии 37 х 40 километри и е затворена за јавноста, 24/7 чувана од воени сили. Во самата база може да слетаат само авиони, а секој товар како и персоналот мора да биде специјално доведен во неа.

Нејзината таинствена природа е инспирација за разни конспиративни теории уште од кога била изградена во 1950-тите. Една од најзастапените теории е дека базата се користи за студирање на вонземски живот и за „обратно инженерство“ на вонземско летало. Во некои од овие теории се тврди дека остатоците од што и да се срушило во Розвел во 1947 биле однесени во Областа 51, и биле искористени за да се развие идната генерација на авионска технологија.



За време на раниот период од Студената Војна, тука дефинитивно се развивало експериментално летало. Во 1955-та, Областа 51 била локација на тестирањето на Lockheed U-2, извидничко летало кое подоцна стана едно од најпознатите шпионски авиони. За време на неговото тестирање биле пријавени бројни неидентификувани летечки објекти (НЛО) од страна на цивили и пилоти на авиони, а се смета дека повеќе од половината „сведоштва“ на НЛО во доцните 1950-ти и 1960-ти се однесуваат на воени авиони, особено U-2.

До скоро, сателитските слики од оваа база биле забранети – астронаутите од Skylab 4 на NASA имале голем проблем со CIA во 1974-та откако ненамерно фотографирале „објект кој што официјално не постоел“. Што се однесува до малечките зелени вонземјани, за нив сè уште не постои никаков кредибилен доказ дека се наоѓаат во Областа 51.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 22.07.2019 13:13:24