Учеството на Македонија на 64-по ред избор за Песна на Евровизија е многу значајно. Тоа е наше 20-то јубилејно учество и тоа во Израел, земја која во 1998-ма година во Бирмингем победи по трет пат благодарение на нашите поени, зашто како држава настапувавме и гласавме последни.
Годинава наш претставник е Тамара со песната „Proud” и ќе настапи утревечер на втората полуфинална вечер под реден број 17.
Веќе десет дена сте во Тел Авив. Какви се досегашните впечатоци?
-Одлични. Лично јас и тимот сме многу задоволни од сите проби, вклучувајќи ги техничките и генералните проби. Настапот ќе биде оценуван од стручните жирија кои имаат 50 процентен удел во гласањето.
Колку сте задоволни од реакциите и каква е атмосферата пред утрешниот настап?
-Во нашиот тим владее одлична позитивна енергија и максимално сме посветени на подготовките. Презадоволни сме од првичните реакции и верувам и во нашата песна и во нашиот тим.
Со каков предизвик ја прифативте понудата за повторен настап на Евровизија?
-Ќе настапам по четврти пат на евровизиската сцена, но прв пат како соло артист. Единствениот предизвик ми беше да направиме песна каква што јас сакам. Во моментот кога тоа го направивме, односно кога ја снимивме “Proud” јас веќе се чувствував како победник.
Песната “Proud” ја пеете на англиски јазик. Таа е моќна минималистичка балада со универзална порака која сметам дека секој слушател позитивно ќе ја прими. Според вас, кој е најсилниот адут на песната?
-Нашиот тим. Силно верувам дека успехот е резултат на тимска работа, а јас го имам најдобриот тим од Македонија. Отворено комуницираме, разговараме и за секој чекор се договараме. Благодарам за коментарот за песната!
Дали како и песната и сценскиот настап ќе биде минималистички?
-На сцената ќе бидам сама, но позади сцена ќе бидат моите придружни вокали на кои сум особено горда: Александра Јанева, Антониа Гиговска и Васил Гарванлиев.
Освен Вас, кои се останатите членови на македонската делегација?
-Можеби имаме помал тим од другите делегации, но сигурна сум дека го имам најдобриот тим. Освен Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазар Цветкоски, тука е Коста Петров кој се погрижи за текстот на песната, но и околу целата приказна и мојата медиумска стратегија. Покрај споменатите придружни вокали, Васил, Антониа и Александра, кои се моја најголема поддршка, тука се и Александар Ношпал и Арменд Рамадани кои се грижат секогаш да изгледам совршено.
Која од останатите песни учеснички Ви се допадна?
-Годинава на Евровизија навистина има одлични песни и одлични артисти. Секоја има своја специфика и затоа по нешто ми се допаѓа во секоја песна. Владее одлична енергија и сите максимално уживаме во секој момент тука.
Што после настапот на Евровизија?
-Продолжувам напред, со нови песни и со нови предизвици!
Во име на читателите на ИДИВИДИ Ви стискаме палци и посакуваме да се пласирате во финалната вечер на 18-ти мај!
Ексклузивно за ИДИВИДИ од Тел Авив, Илија Николовски