Футурама

Наместо сандак во земја футуристичко решение за телата на починатите

Напредокот во технологијата и промената во размислувањето на многу луѓе доведува до прашањето дали кога некој ќе почине, единствената опција за негово вечно почивалиште е сандак во земја.



Некои се решаваат за кремирање, некои за донирање на телата на нивните најблиски за научни цели, а жителите на државата Вашингтон имаат сосема нова визија во овој поглед. Тие сакаат да донесат закон со кој би станале станала првата држава која ќе легализира човечко компостирање.

Во тој случај наместо урна со пепел на некоја блиска личност, би можеле во нејзините остатоци да засадите дрво во дворот кое би служело како постојан спомен во нејзина чест.

Компостирањето е процес на биодеградација – контролирано биолошко разградување на органските материи измешан со кафеава маса (суви лисја, гранки и слично) и градинарска земја во присуство на кислород, микроорганизми и доволна влажност, а новиот закон би дозволил “рекомпозиција“ на човечки остатоци.

Идејата не само што е футуристичка, туку и економична. Сè повеќе Американци имаат потешкотии да ги платат погребните трошоци кои во просек изнесуваат повеќе од $7000, па парите ги собираат преку разни онлајн платформи за финансирање со донации, а процесот на рекомпозиција би чинел околу $5500.



Процесот е многу сличен на традиционалниот – човечките остатоци се ставаат во комора каде се разградуваат со органски материјал како слама, а во комората понекогаш се пушта воздух за да им помогне на микробите да го забрзаат разградувањето. За околу еден месец, сè што останува е неполн кубен метар компост.

Во 5-месечната студија биле разградени 6 тела на донори, а студијата била внимателно контролирана за да не се рашират било какви штетни патогени – загриженост која довела до неодобрување на сличен закон во 2017-та.

Заклучокот од најновата студија бил дека остатоците биле безбедни, а доколку законот се усвои тој ќе стане активен од 1 мај 2020-та.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 09.01.2019 13:07:24