Футурама

Нов коктел од лекови може да го промени начинот за третирање дијабетес

Комбинација од два лека може значително да влијае на здравјето на дијабетичарите со зголемување на продукцијата на клетки кои се од клучно значење за продукцијата на инсулин – хормонот кој го балансира нивото на шеќерот во крвта.



Инсулинот се создава од специјални клетки во панкреасот наречени бета клетки, а новиот коктел од лекови ги тера да се множат во досега најголеми количини забележани кај луѓето – нивниот број со негова помош се зголемува за 5% до 8% дневно

Регенерацијата на бета клетките е „светиот грал“ за третманите за дијабетес, а оваа нова комбинација на лекови би била ефективна кај оние и со тип 1 и со тип 2 дијабетес.

Тип 1 дијабетесот е автоимуна состојба каде имунолошкиот систем ги уништува бета клетките и личноста не може самата да создава инсулин, па тој мора да се инјектира.

Тип 2 дијабетесот, пак, се појавува кога бета клетките во панкреасот престануваат да функционираат како што треба и не се произведува доволно инсулин. Ова обично се случува подоцна во животот како резултат кој е комбинација од генетика и други фактори како прекумерната тежина, неправилната исхрана, неактивноста и сл. Дијабетесот може да создаде разни здравствени компликации како мозочни удари, слепило и друго така што е исклучително важно да се создадат што подобри третмани за оваа болест.



Еден од лековите во новиот коктел го инхибира ензимот DYRK1A, а вториот го инхибира трансформирачкиот фактор за раст TGFβSF. Заедно, овие два лека предизвикуваат бета клетките да се размножуваат исклучително брзо.

Пред да почнат клиничките испитувања врз луѓе, ќе мора да се открие начин лекот да се испорачува директно во панкреасот.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 08.01.2019 13:12:23