Омнибус

Elysium и SpaceX ќе лансираат во Вселената кремирани остатоци на луѓе

Пред 36 годишниот Џејмс Еберлинг да почине во ноември 2016-та, ја споделил неговата последна желба со неговите родители, а тоа е неговите остатоци да бидат испратени во Вселената.

Сега, неговиот сон ќе се оствари бидејќи неговите и остатоците на уште 100 други кремирани луѓе ќе бидат лансирани во Вселената во меморијален сателит на компанијата Elysium Space.



На оваа компанија базирана во Сан Франциско фамилиите и платиле $2500 за примерок од пепелта на нивните сакани да бидат лансирани со SpaceX Falcon 9 ракетата.

Во Вселената ќе патуваат остатоците на воени ветерани и воздухопловни ентузијасти, покрај оние чии фамилии сакале да ги „слават саканите со тоа што ќе бидат дел од поезијата на ѕвезденото небо“.

Остатоците на Џејмс и на останатите се спакувани во сателит со големина од 10cm. наречен CubeSat, а нивните фамилии ќе можат во реално време да го следат леталото преку апликацијата во период од 4 години пред истото да падне назад на Земјата.

Ова лансирање е дел од мисијата за „делење на превоз“ организирана од Spaceflight, компанија која ја купила ракетата за да им удоволи на клиентите  и со која ќе бидат испратени 64 малечки сателити од 34 различни организации.



Инаку, Еберлинг целиот свој живот бил ентузијаст за ракети и проектили, но и фотограф кој често одел до воздухопловната база Вандерберг во Калифорнија да ги снима полетувањата на ракетите.

Ова нема да биде прв пат нечии остатоци да бидат испратени помеѓу ѕвездите – во 1998-ма малечка епрувета со пепелта на астрономот Јуџин Шумејкер била дел од Lunar Prospector мисијата на NASA, и ден денеска се наоѓа на површината на Месечината.

Во мисија слична на онаа на Elysium, пак, во 2012-та во Вселената биле испратени остатоци од 320 луѓе меѓу кои биле и оние на актерот Џејмс Духан кој го глумеше Скоти во серијата „Star Trek”, како и на астронаутот Гордон Купер.

Извор:  МИА
Објавена на 04.12.2018 15:51:02