Гризман: „Златната топка“ треба да ја добие Французин

Репрезентативецот на Франција, Антоан Гризман изјави дека некој од играчите на светскиот шампион треба да ја освои „Златната топка“, која „Франс Фудбал“ ја доделува на најдобриот играч на светот.



- Нема попрестижна награда од оваа. Секогаш ја добивал најдобриот меѓу најдобрите и мислам дека некој од нас, Французите треба да ја добие наградата. Тоа е логично, шампиони сме и ние тоа го заслужуваме, рече Гризман, кој заедно со Рафаел Варан и Килијан Мбапе се најдоа во листата од 30 кандидати.

Наградата на ФИФА, како на Светското првенство, така и во последниве избори за играч на годината, ја освои Хрватот Лука Модриќ, кој даде интересна изјава за „Франс фудбал“.

- Не, вие нема да добиете од мене одговор дека ја заслужувам наградата. Лично, најважно ми е да играм добро, оваа година беше најдобра во мојата кариера и што се однесува до трите кандидатури на Французите, мислам дека Гризман најмногу ја заслужува награда. Играше одлично и освои многу трофеи, рече Модриќ.

Лука со Хрватска стигна до финалето на Светското првенство, а со Реал Мадрид стана шампион на Европа, додека Гризман со Франција го освои трофејот на Мундијалот, даде четири гола во Русија, со неколку важни асистенции, а со Атлетико ги освои Лига Европа и Европскиот Супер Куп.

Освојувачот на „Златната топка“ ќе биде познат на 3 декември.

Извор:  МИА
Објавена на 16.10.2018 17:03:06