Новата HBO серија „Мојата генијална другарка“ (My Brilliant Friend), инспирирана од романот на италијанската писателка Елена Феранте, ќе има премиера на 19. ноември во 20:00 часот на HBO, а истиот ден ќе биде достапна и преку HBO GO услугата на видео на барање.
Оваа серија ја раскажува приказната за Елена Греко и нејзината најдобра другарка, Лила. Кога Лила ќе исчезне без трага, Елена, која сега е веќе стара жена што живее во куќа полна со книги, седнува на компјутерот и почнува да ја пишува приказната за нивното пријателство. Таа ја запознава Рафаела Керуло, која секогаш ја викала Лила, во првата година од основно училиште во 1950 година. Нивната приказна се одвива во опасниот и фасцинантен Неапол и трае повеќе од 60 години, а таа се обидува да ја опише мистеријата на Лила, брилијантната другарка на Елена, а на некој начин и нејзина најдобра пријателка, но и најголема непријателка.
Кастингот за серијата траел цели осум месеци, а на него учествувале речиси 9000 деца и 500 возрасни лица од цела Кампанија. Во кастингот биле вклучени професионални актери, лица кои претходно немале никакво актерско искуство, како и ученици од блиските училишта. Младите актерки Елиза Дел Џенио и Лудовика Насти биле одбрани да ги толкуваат улогите на Елена и Лила кога биле деца. Потоа, ќе бидат заменети од тинејџерките Маргерита Мазуко во улогата на Елена и Гаја Џираче во улогата на Лила. На серијата работеле 150 актери и 5000 статисти.
Екипата броела повеќе од 150 членови кои 100 дена граделе речиси 20000 квадратни метри сценографија. За да го создадат соседството кое има значајно место во целата приказна, направиле 14 екстериери на станбени згради, пет интериери на станови, црква и тунел. Костимографите собрале 1500 костими, а многу од нив се оригинални креации.
Серијата „Мојата генијална другарка“ е во копродукција на HBO, RAI FICTION и TIMVISION. Режисер на сите осум епизоди е Саверио Костанцо, додека сценариото е на Елена Феранте, Франческо Пиколо, Лаура Паолучи и Саверио Костанцо.